16 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Сериозни сомнежи за лекарска грешка, институционално прикривање и двомесечен молк од раководството на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) излегоа на површина по смртта на новородено бебе со реални шанси за живот. Од Комисијата за здравство на СДСМ денеска побараа итна оставка од директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, и целосна, независна истрага за случајот.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника и бараме одговорност за последниот скандал. Овде не умрело само едно бебе – овде умреле вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста“, изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.
Според неа, новороденчето починало на интензивна нега, а на родителите им било соопштено дека смртта била неизбежна и дека ништо не можело да се направи. Сепак, документацијата од самата Клиника, вклучително и внатрешни пријави, изјави од лекари и официјални записници, укажува на сосема поинаква слика и отвора сериозни сомнежи за лекарска грешка.
Началничката на одделот за интензивна нега, како што беше посочено, поднела писмена пријава во која наведува дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и, на крај, до смрт на бебето. Во пријавата се наведува дека процесот на реинтубација траел дури 20 минути – време кое, според медицинските стандарди, може да биде фатално.
„Не зборуваме за секунди, туку за 20 минути, во кои на бебето му биле нанесени сериозни повреди, по што настапила смртта“, нагласи Радеска.
Клучен проблем, според СДСМ, е што ниту еден од овие податоци не им бил соопштен на родителите. Тие за сомнежите за лекарска грешка дознале од новинари и од свиркачи, а не од Клиниката или надлежните институции.
Дополнително, Радеска истакна дека директорката на ГАК, иако била формално известена за сомнежите и за смртта со можни пропусти во лекувањето, цели два месеца не информирала ниту една надлежна институција.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Каква е таа докторка за која Хипократовата заклетва е само на хартија?“, праша Радеска.
Од СДСМ побараа итна оставка од директорката на Клиниката, како и целосна, независна и транспарентна истрага, со утврдување одговорност за сите инволвирани, без оглед на функцијата или хиерархијата.
„Ова не е прашање на политика. Ова е прашање на живот, вистина и морал. Оставка. Одговорност. Вистина – до крај. Секој што се огрешил мора да одговара“, порача Радеска.
Центар за комуникации на СДСМ – изјава за медиуми
ОЈО Скопје отвори предмет за „Зимзоленд“: Се испитува можна општа опасност
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

