Протестен „Марш за ангелите“ утре во Скопје: Родителите на настраданите во „Пулс“ бараат одговорност
Утре во Скопје ќе се одржи протестен „Марш за ангелите“, организиран од семејствата на настраданите во трагичниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Маршот ќе започне во 12 часот и 5 минути пред Основното јавно обвинителство во Скопје, време избрано како симболика за задоцнетата реакција на институциите во справувањето со трагедијата. Потоа, колоната ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“, а маршот ќе заврши пред Собранието на Република Северна Македонија.
Во своето писмено обраќање до јавноста, семејствата на загинатите истакнуваат дека бараат јасни и конкретни одговори од надлежните институции. Тие укажуваат на својата збунетост и незадоволство од начинот на кој се спроведуваат правните процедури. „Ние не сме правници и не разбираме како познавачите на правото приведуваат, па пуштаат. Свесни ли се институциите за веќе разнишаната доверба која дополнително ја уриваат со вакви постапки?“, се вели во нивното соопштение.
Семејствата нагласуваат дека нема да престанат да бараат правда за своите деца и дека ќе продолжат со притисок врз институциите сè додека не добијат одговори. Тие упатуваат повик до сите граѓани на Македонија да им се приклучат на маршот и да дадат поддршка во борбата за правда и одговорност.