26 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во организација на Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, вечерва во Скопје се одржа протест со блокада на крстосницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“. Сообраќајот беше привремено прекинат, а граѓаните јавно го искажаа својот револт поради, како што наведуваат, долгогодишното загадување на воздухот предизвикано од работењето на цементарата „Усје“.
Учесниците на протестот побараа надлежните институции итно да изнајдат трајно решение за проблемот со аерозагадувањето, при што како клучно барање ја истакнаа дислокацијата на цементарата надвор од урбаната средина.
На протестната блокада беа истакнати транспаренти со пораки како: „Воздухот наш за профитот ваш“, „На хартија бело, во дробови црно“ и „Не сакаме изговори, сакаме чист воздух“, со кои граѓаните порачаа дека здравјето не смее да биде жртва на економски интереси.
Од Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ истакнаа дека институциите со години не реагираат соодветно, и покрај алармантните податоци за загадувањето и неговото влијание врз јавното здравје.
„Наместо заштита на јавното здравје, сведоци сме на системско игнорирање на проблемот, неделување и прикривање на одговорноста. Нашата порака е јасна: нема повеќе молк, нема повеќе одложувања и нема повеќе жртвување на здравјето на граѓаните за сметка на профитот“, порачаа од иницијативата.
Протестот заврши мирно, а организаторите најавија дека ќе продолжат со активности сѐ додека не се преземат конкретни чекори за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

