15 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Политизацијата на работата на Заедничката историска комисија доаѓа од Скопје, а не од Софија, вели историчарот и дипломат проф. Ангел Димитров, копретседател на мултидисциплинарната комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија. Во интервју за БГНЕС тој посочува дека колегите од македонска страна упорно го отфрлаат концептот за „заедничка историја“, што ја блокира работата на телото и го успорува напредокот.
Проф. Димитров вели дека по осум години и 38 состаноци, резултатот е „крајно незадоволителен“. Комисијата стигнала само до материјали од 11 век, односно преглед на два мали учебници за основно образование.
„Не се занимаваме со научно-истражувачка работа, туку со процена на учебници. Токму затоа е загрижувачки што комисијата работи толку бавно, нередовно и без вистински резултати,“ нагласува тој.
Според него, комисијата е инструмент произлезен од Договорот за пријателство и добрососедство и нејзината работа треба да се води исклучиво со научни аргументи и почит кон историската документација.
Во однос на критиките на македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој тврди дека политиката не смее да се меша во работата на комисијата, Димитров одговара:
„Политизацијата не доаѓа од Софија. Проблемот е неподготвеноста на нашите колеги да ја прифатат дефиницијата за ‘заедничка историја’. Тоа е клучната точка што го попречува нормалниот научен дијалог.“
Тој додава дека токму со обвиненијата за политизација, министерот Муцунски всушност сам навлегува во академскиот процес и дава совети за работа на комисијата – нешто што, според Димитров, е контрапродуктивно.
Иако во комисијата се врати проф. Ванчо Георгиев по барање на македонскиот премиер, Димитров смета дека во пристапот нема никаква промена.
„Новиот состав е идентичен со претходниот. Нема напредок во темите што се отвораат. Последните состаноци се сведуваат на подготовка на записници од состаноци одржани пред години, наместо на суштински научни дискусии,“ објаснува тој.
Според него, доколку македонската страна е убедена во своите аргументи, тогаш нека се согласи записниците да бидат јавно објавени.
Димитров потсетува дека токму Бугарија ја врати темата за европската интеграција на Западниот Балкан на агендата на ЕУ. Затоа му е чудно, вели тој, кога други партнери се обидуваат да им држат лекции на Софија, наведувајќи ги примерите на Грција и Северна Македонија.
Професорот смета дека, иако не сака да биде песимист, вистинскиот напредок ќе зависи од внатрешната политичка клима во Скопје:
„Ако има смирување во самата земја и ако се појави подготвеност за посамокритичко прифаќање на тоа што го кажува ЕУ, тогаш постои можност за движење напред. Би сакал да биде така.“
Тој предупредува дека ориентацијата на македонската политика кон Будимпешта и Белград нема да донесе решение за клучните европски прашања:
„Тоа што го очекуваат во Скопје нема да дојде од таму. Потребни се јасни и конкретни одговори, а не цветни фрази.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

