03 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Професорот Оливер Андонов во подкастот Почетна пресметка изнесе остри и директни оценки за состојбата на македонската политика, нагласувајќи дека државата со децении нема развиено сопствена, автохтона политичка стратегија.
Одговарајќи на прашањето дали Македонија денес води сопствена политика или е под влијание на туѓи агенди, Андонов посочи дека проблемот не е од вчера, туку има длабоки историски корени.
„Ајде да бидеме малку искрени. Јас пишував неколку колумни за потребата од македонска автохтона политика, но Македонија ја нема. Понекогаш се прашувам дали воопшто сме имале таква политика – не само во последните 35 години како независна држава, туку и претходно“, истакна Андонов.
Тој нагласи дека низ историјата македонската политика често била зависна од надворешни центри на моќ, наместо да се гради врз сопствени државни и национални интереси.
„За наша жал, секогаш сме чекале што ќе каже султанот во Истанбул, што ќе каже царот во Софија или што ќе каже кралот во Белград. Тоа е еден од најсериозните проблеми на македонската политика“, рече Андонов.
Според него, овој модел на однесување продолжува и денес, особено преку функционирањето на политичките партии, кои, како што рече, дејствуваат со „голема резерва“ и без јасен сопствен курс.
„Македонските политички партии, вакви какви што се, често функционираат така што чекаат некој друг да им каже што да прават, наместо самите да креираат политики“, додаде тој.
Изјавите на Андонов отвораат сериозно прашање за капацитетот на државата да дефинира и спроведува долгорочна, независна и автентична политичка стратегија, како и за улогата на партиите во процесот на политичко одлучување.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

