македонија22 јануари 2025 Прилепско обвинителство за случајот со ученикот што падна од прозорец: Најверојатно е несреќен случај, чекаме извештај од полицијата
„Од досегашните сознанија, сметаме дека станува збор за несреќен случај, но на полицијата ѝ дадовме насоки да изврши разговори со медицинските лица кои интервенирале во случајот, со вработените од училиштето и со други лица. Во текот на денешниот ден ќе добиеме извештај од полицијата за да се знае како понатаму да се постапи“, велат од прилепското Основно јавно обвинителство
Прилепското Основно јавно обвинителство очекува денеска да добие известување од полицијата за случајот со повреденото 11-годишно дете кое вчера падна од највисокиот, трет кат, од зградата на основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп и се здоби со тешки повреди.
Според в.д. основната јавна обвинителка Лидија Салатоска-Илиоска, Обвинителството претходно ѝ дало насоки на полицијата како да постапи и да ги извести.
„Од досегашните сознанија сметаме дека станува збор за несреќен случај, но на полицијата ѝ дадовме насоки да изврши разговори со медицинските лица кои интервенирале во случајот, со вработените од училиштето и со други лица. Во текот на денешниот ден ќе добиеме извештај од полицијата за да се знае како понатаму да се постапи“вели Салатоска-Илиоска во изјава за МИА.
Немилиот настан се случил во понеделникот, на 20 јануари во 14:35 часот, на големиот одмор во попладневната смена. Од засега непознати причини, шестоодделенецот паднал од прозорецот на третиот кат од училишната зграда. Веднаш била повикана Итна помош и лекарите го нашле детето наземи во полусвесна состојба. На одделот за анестезија првично биле констатирани скршеници на петиците на нозете и сомнеж за скршеници на пршлените.
Ученикот се лекува на детска хирургија во Скопје. Директорот на Клиниката д-р Лазе Јовчевски во изјава за „360 степени“ вчера потврди дека детето се наоѓа во стабилна здравствена состојба и е надвор од животна опасност.
„Направени се сите потребни прегледи и снимања. Детето е надвор од животна опасност. Има повреди на пршлените и на петиците на нозете. Ќе ја следиме неговата состојба“,рече д-р Јовчевски.
Од училиштето известија дека станува збор за примерен, трудољубив, дружељубив одличен ученик и дека направиле сѐ за да помогнат.
Директорката на училиштето „Гоце Делчев“ во Прилеп, Снежана Котева, информираше дека веднаш по известувањето за случката отишле на местото и дека ученикот бил во контактибилна состојба, свесен временски и просторно, по што таа повикала единица за итна медицинска помош.
„Од страна на вработените во училиштето е постапено навремено и правилно. Дежурните наставници најодговорно ја извршуваат својата обврска, во однос на дежурствата и присуството во ходниците во училиштето, почитувајќи го кодексот на однесување. Моменталната состојба по извршениот разговор во текот на денешниот ден со родителот е стабилна и под контрола”,соопшти Котева.
Полицијата направила увид на местото на настанот.