Претрес во село Црнилиште: Пронајдени оружје и куршуми, лице лишено од слобода
Според соопштение од МВР, полициски службеници од Прилеп, во соработка со СВР Битола, извршиле претрес во домот на 51-годишниот Џ. Ќ. во село Црнилиште, општина Долнени.
Постапката беше иницирана по споделен видеозапис на социјалната мрежа Facebook, во кој постојат основи за сомнение за сторено кривично дело по член 288 и 396 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
При претресот, полицијата открила три оружја кои Џ. Ќ. ги поседувал со дозвола – полуавтоматска ловна пушка, репетирачки карабин и полуавтоматски пиштол. Покрај оружјето, биле пронајдени и 395 куршуми различен калибар, 17 ловни патрони, како и еден ресивер поврзан на систем за видеонадзор инсталиран во домот.
Оружјето и другите предмети биле одземени, поради сомневање за сторено кривично дело по член 288 од Кривичниот законик, кој се однесува на недозволено поседување оружје. Според потврдата од полицијата, лицето го поседувало оружјето согласно дозволата, но истото било привремено одземено, а ќе следи постапка за одземање на дозволата за оружје.
Доколку се потврдат сомнежите за кривични дела, Џ. Ќ. ќе биде предмет на понатамошна правна постапка. Во меѓувреме, полицијата презема мерки за пронаоѓање на неговиот син, А. Ќ., кој исто така е поврзан со случајот, како и за целосно расчистување на ситуацијата.