17 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Трагичната смрт на младата Росица ја потресе јавноста и повторно ја отвори темата за заштитата на жените од семејно и партнерско насилство. Според пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, институциите кои требало да ја заштитат – станале соучесници во нејзиното убиство.
Росица уште во декември 2024 година го пријавила својот убиец за закани и насилство. Наместо заштита, следеле нови притисоци: физичко малтретирање, закани дека „ќе ја убие ако не е негова“, палење на автомобил на нејзиниот татко и графити со навредлива содржина.
Цели десет месеци, како што посочи Мојсоска, Министерството за внатрешни работи (МВР), Обвинителството и судовите останале пасивни. Дури во септември годинава насилникот бил условно осуден, иако имал повеќе пријави против него.
Во својата реакција, пратеничката Мојсоска оцени дека нефункционалноста и корупцијата во институциите се директно одговорни за трагедијата.
„Некомпетентните кадри убиваат, корупцијата убива, ‘скриј ја пријавата во фиока’ убива!“, напиша таа на социјалните мрежи.
Таа додаде дека Македонија е држава со најголем број полицајци по глава на жител, но дека жените немаат никаква реална заштита, поради што секоја жена може да биде потенцијална жртва.
Мојсоска укажа и на состојбите во Министерството за внатрешни работи, кое, според неа, е претворено во партиска машинерија наместо во институција за заштита на граѓаните.
Таа потсети на одговорот на министерот Панче Тошковски дека Одделот за внатрешна контрола нема спроведено ниту еден тест за професионален интегритет, со образложение дека „нема опрема, нема систематизација и нема обучени кадри“. Истовремено, како што рече, има средства за службени возила и партиски вработувања.
Владејачкото мнозинство, пак, со месеци најавува измени на Кривичниот законик за построга заштита, но тие сè уште не се поднесени во Собранието.
„Почивај во мир, невина Росица. Жал ми е што оние кои беа должни да те спасат – те убија“, напиша Мојсоска во завршниот дел од својата објава.
Овој случај повторно ја разгоре дебатата за тоа дали институциите воопшто имаат капацитет и волја да се справат со семејното насилство и дали државата испраќа јасна порака дека секој човечки живот е важен.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден