Потврдени два случаи на мајмунски сипаници во Македонија
Во Република Македонија се регистрирани два лабораториски потврдени случаи на мајмунски сипаници (Monkeypox), информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Ова е прв пат ваквата болест да биде потврдена во земјата, поради што беа активирани сите релевантни институции за навремена реакција и спречување на ширењето.
Станува збор за двајца пациенти кои биле упатени од Клиниката за кожни болести како суспектни на мајмунски сипаници. Воедно, како дел од дијагностичката процедура, било препорачано и испитување за ХИВ, сифилис и херпес. Институтот за јавно здравје извршил тестирање со три различни лабораториски методи, по што биле добиени позитивни резултати за мајмунски сипаници кај двете лица.
„Веднаш по лабораториската потврда на случаите, согласно националните протоколи, беа преземени сите неопходни мерки – беше известено Министерството за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективната клиника, како и другите релевантни институции“, велат од ИЈЗ.
По добиените резултати, пациентите биле информирани од страна на докторот кој ги примил, а веднаш потоа започнала и епидемиолошката анкета спроведена од стручни епидемиолози од ИЈЗ. Целта е да се добијат важни податоци за контактите на заразените и можните извори на инфекција, како и потенцијалот за ширење.
Епидемиолошката анкета е сѐ уште во тек, а позитивните пациенти ќе бидат препорачани да се јават на Инфективната клиника за понатамошна медицинска нега и следење.
„Нема простор за паника. Состојбата е под контрола. Институциите реагираа брзо и навремено, и во моментов се преземаат сите потребни превентивни мерки. Во текот на утрешниот ден ќе следуваат подетални информации за јавноста“, додаваат од Институтот за јавно здравје.
Граѓаните се повикуваат да останат смирени, да ги следат препораките на здравствените власти и да се јават кај матичен лекар доколку забележат симптоми слични на оние на мајмунски сипаници – осип, треска, болка во мускули, замор и зголемени лимфни жлезди.