Полскиот амбасадор: С. Македонија мора да ги внесе Бугарите во Уставот за да напредува кон ЕУ
Амбасадорот на Полска во Скопје, Мариуш Бримора, во интервју за МИА изјави дека Северна Македонија мора да ги исполни своите обврски доколку сака да продолжи по европскиот пат. Тој истакна дека и покрај напорите и на билатерално и на ниво на ЕУ, ангажманите кои земјата ги презела се клучни за нејзиниот напредок кон членство во Европската Унија.
Во моментов, Полска претседава со Советот на ЕУ, и според Бримора, полското претседателство активно работи на поттикнување на процесот на проширување со надеж за конкретни чекори напред.
„Како и да го поставите прашањето, одговорот е ист – Северна Македонија треба да го исполни својот ангажман. Постојат правила и договори кои мора да се почитуваат. 'Pacta sunt servanda' – договорите мора да се исполнуваат“, изјави Бримора, додавајќи дека и Европската комисија, преку комесарката Марта Кос, јасно дала до знаење дека очекува исполнување на тие обврски.
Бримора посочи дека првиот и најважен чекор е измената на Уставот – оттаму започнува процесот. Тој додаде дека и покрај тоа што „тивката дипломатија“ меѓу Скопје и Софија продолжува, неопходно е да се спроведе договорот од 2022 година, кој е дел од преговарачката рамка.
Освен прашањата поврзани со билатералните односи со Бугарија, полскиот амбасадор истакна дека борбата против корупцијата останува најголем предизвик во македонското општество. Тој нагласи дека реформите, како и средствата од Планот за раст, ќе бидат остварливи само ако земјата ги исполни условите, вклучително и уставните промени, што пак ќе отвори пат за официјален почеток на преговорите со ЕУ.