Политика пред хуманост: Како Мицкоски го претвори пожарот во Кочани во геополитички ризик
Во импровизирано интервју за време на настанот „Македонија 2025“, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, го нарече 16 март „најтешкиот ден во неговиот живот“. Во 3:30 по полноќ, додека Кочани го разбудија писоци, плач и огнени пламени, премиерот добил повик кој, според неговите зборови, го обележал денот. Но, не поради загубените млади животи – туку поради дилемата: дали да ја прифати помошта од соседна држава со која имаме „комплицирани односи“ јавува порталот Actualno.com
Наместо чисто, човечно и одговорно лидерство, граѓаните добија признание дека одлуката да се прифати медицинска помош од Бугарија била „ризик“. Ризик? Кога секоја секунда значи живот, токму тогаш од политичарот се очекува да нема дилеми – туку акција. Но, според изјавата на Мицкоски, тој го „понел товарот“, размислувајќи дали спасителите ќе ја нарушат националната перцепција. Па зарем животот има националност? Дали јазикот на лекарот е поважен од отчукувањата на срцето на пациентот?
Ова не е само прашање за односите меѓу Скопје и Софија. Ова е прашање за зрелоста на политичкиот систем кој, дури и пред лицето на трагедија, прво пресметува поени, па дури потоа спасува животи. Наместо благодарност кон тимовите кои понудија помош – добивме самофалба. Наместо порака: „Спасивме што можевме“, добивме премиерска исповед за тоа колку било тешко да се донесе одлука која, за секој нормален човек, би била инстинктивна.
Европскиот пат: со мегафон во рака
Истото интервју Мицкоски го искористи и за уште една мисија – повторно да објави дека Европската унија останува стратешка цел. Но, реториката повеќе наликува на инатливо дете пред затворена врата: „Ќе влезам, сакаат тие или не!“ Во меѓувреме, се прозиваат САД, Германија, Франција – па дури и се дели лекција по демократија.
Овој театар е наменет за домашната публика: „ние сме жртви“, „тие не разбираат“, „светот е неправеден“. Во таа драма, нема место за самокритика. Забораваме дека слободата на медиумите е во опаѓање, судството нема доверба, а демократијата е на климава основа. Но, вината секогаш е кај некој друг. Секако, ЕУ не е совршена – но Македонија нема да стане дел од неа со галама и жртвен патос, туку со работа и вредности.
Европа гледа – но не со восхит
Мицкоски не е првиот лидер што игра на картата на национализам за внатрешна поддршка. Но, кога токму од тие „странски сили“ очекуваш поддршка, прво правило е – не ги навредувај. Ако сакаш да бидеш дел од клубот, не го руши влезот со мегафон. ЕУ не го интересира кој вреска најгласно – туку кој гради институции, кој штити права и кој е подготвен да покаже политичка зрелост.
Како што пишува Actualno.com, реториката на Мицкоски е евтин национализам спакуван како патриотизам, со доза на ароганција и неспособност за саморефлексија. Наместо дијалог – монолог. Наместо лидерство – политичка поза. И сето тоа, на грбот на народот што страда.
Поука од пеколот во Кочани
Пожарот во Кочани не ја запали само зградата – ја запали и вистината за тоа колку нашето општество е подготвено за Европа. А таа вистина е непријатна: кога треба да спасуваме животи, ние бројиме поени. Кога треба да бидеме благодарни, ние се сомневаме. Кога треба да бидеме лидери, ние се жалиме.
Порака до премиерот: Никој во Брисел, Вашингтон, Берлин или на Марс не планира заговор против Македонија. Но сите ве гледаат. И не – не со почит. Туку со таа иронична насмевка што вели: „Дали ова е сериозно, или гледаме политичка верзија на скриена камера?“
И за крај – господине Мицкоски, ако навистина сакате Европа, почнете да се однесувате како европски лидер. Не како главен актер во домашна продукција.