Полициски протест за повисока основна плата: Независниот синдикат излегува на улица
Независниот синдикат на полицијата најави протест за утре, 12 мај, со почеток во 12 часот на раскрсницата кај Мавровка, како реакција на несогласувањата околу пресметката на платите на полициските службеници. Протестот ќе заврши пред Судскиот совет, каде синдикатот ќе упати пораки до институциите за, како што велат, „непочитување на законот за минимална плата“.
Претседателот на Синдикатот, Мартин Ефремов, денеска од пред Основниот граѓански суд во Скопје изјави дека целта на протестот е обезбедување еднаква судска пракса и доследна примена на Законот за минимална плата и Колективниот договор за вработените во полицијата.
„Основната плата на полициските службеници не смее да биде пониска од минималната плата во државата. Тоа е законска обврска. Пресметката потоа вклучува и зголемување од 30 отсто и додатоци за минат труд“, посочи Ефремов.
Тој обвини дел од судиите во Скопје дека се обидуваат да создадат поинаква пракса која би овозможила основната плата да се пресметува заедно со зголемувањата, што, според Синдикатот, е спротивно на законот. Како пример за доследна примена, ги наведе пресудите на апелационите судови во Битола и Гостивар кои ја потврдуваат нивната позиција.
Моментално, основната плата на полициските службеници изнесува околу 25.000 денари, односно само околу 1.000 денари повеќе од законската минимална плата. „Доколку ги одвоиме тие 30 проценти зголемување, тогаш основата паѓа под минималецот, што е спротивно на законот“, вели Ефремов.
Синдикатот поднел претставки против четворица судии од Скопје, обвинувајќи ги за потенцијална пристрасност поради нивно учество на советувања во Министерството за внатрешни работи – институција која е страна во постапките. Станува збор за судиите Гордана Билевска и Бесник Авдија од Основниот граѓански суд и Мери Дика и Санде Зиков од Апелациониот суд.
„Сметаме дека овие судии сакаат да ја променат веќе воспоставената судска пракса, и затоа бараме нивно изземање“, изјави Ефремов. Тој истакна и дека Апелациониот суд во Скопје излегол со демант дека има одлука по предметите, иако, според него, веќе постои решение со кое е укината првостепена пресуда.
Протестот ќе биде поддржан и од братски синдикати од Балканот и Европа, кои, како што најави Ефремов, ќе присуствуваат на настанот во знак на солидарност.
„Полицајците не се граѓани од втор ред. Законот мора да важи за сите еднакво – не само кога треба полицијата да се казни, туку и кога треба да ѝ се обезбедат основните права“, порача Ефремов.
Синдикатот ќе продолжи да инсистира на доследна примена на законот, а утрешниот протест ќе биде јасна порака до судиите, институциите и јавноста за потребата од правична судска пракса и достоинствени услови за работа на полициските службеници.