11 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Фемицидот претставува сериозен општествен проблем кој не може да се гледа само како институционален пропуст, туку како аларм за целото општество. Ова го истакна Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека за справување со насилството е потребен системски пристап и поголем фокус на превенцијата.
Според Петкоска, одговорноста не може целосно да се префрли на системот, бидејќи институциите се водени од луѓе кои носат одлуки и управуваат со нивното функционирање.
„За жал, не само што фемицидот е институционален аларм, туку е и општествен аларм. Навикнавме да велиме дека системот е виновен, меѓутоа системот го сочинуваат институциите, а со институциите раководат луѓе“, изјави Петкоска.
Таа посочи дека решенијата мора да започнат од корен, особено во воспитно-образовниот процес, кој има значајно влијание врз формирањето на однесувањето кај младите.
„Ако сме констатирале, а истражувањата тоа го говорат, дека најголем причинител е воспитно-образовниот процес, тогаш треба многу повеќе да работиме во таа насока. Насилството не е туѓ проблем, туку е проблем на сите нас, како што е и загубата на овие два млади животи“, нагласи таа.
Петкоска потенцира дека превенцијата е клучна за намалување на бројот на насилници и жртви на семејно насилство. Според неа, игнорирањето на проблеми како булингот во детството може подоцна да доведе до посериозни форми на насилство.
„Потребна е превенција. Ако на пример на детето не му посветиме внимание кога станува збор за булинг, подоцна од таму можеме да добиеме насилници“, истакна Петкоска.
Таа додаде дека постојат повеќе општествени појави на кои не им се посветува доволно внимание, а кои индиректно можат да придонесат за создавање дисфункционални семејства.
„Имаме голем број појави и проблеми како коцкањето, брзите кредити, задолженоста, менталната хигиена и менталното здравје, на кои не им се посветува доволно внимание. Сето тоа доведува до дисфункционални семејства, а за жал во тие семејства често егзистираат насилниците“, посочи Петкоска.
Таа заклучи дека борбата против насилството мора да биде заедничка одговорност на институциите, образовниот систем и целото општество, со силен акцент на превентивните мерки и грижата за менталното здравје.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

