03 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во вториот дел од своето големо ексклузивно интервју за медиумската платформа ЦИВИЛ, поранешниот претседател Стево Пендаровски отвора прашање што подолго време тлее во македонската јавност, но ретко добива суштинска анализа – влијанието на Србија и концептот на „српскиот свет“ врз стабилноста на Северна Македонија, како и врз политичките процеси во регионот.
Клучното прашање од интервјуто беше директно и провокативно:
„До која мера ‘српскиот свет’ претставува ризик? И дали е тоа самостоен регионален проект или продолжение на поширока стратегија што се совпаѓа со интересите на Русија и Кремљ?“
Одговорот на Пендаровски претставува радикален пресврт во однос на доминантниот наратив. Наместо да зборува за српски дипломатски или политички притисоци врз Македонија, тој ја поместува одговорноста целосно на домашен терен.
Пендаровски посочува дека Македонија не е притисната да биде дел од проектот „српски свет“ од страна на официјален Белград, ниту пак овој концепт делува преку агресивни дипломатски канали. Според него, вистинскиот проблем лежи во внатрешните политички структури кои свесно и доброволно го прифаќаат овој геополитички концепт.
„Тврдам дека нема директен притисок од Србија ние да бидеме дел од тоа. Дел од нашите политички гарнитури, но не сите, сакаат самите да бидат дел од тој свет“, истакнува Пендаровски.
Со ова, тој ја демистифицира идејата дека Македонија е „жртва“ на надворешен притисок. Наместо тоа, вели дека одредени центри на моќ во државата не кријат дека најдобро политички и безбедносно се чувствуваат во српската орбита на влијание – и во спротивност со официјалните евроатлантски определби на земјата.
Поранешниот претседател оди чекор подалеку од критика на домашната политичка волја. Тој објаснува дека „српскиот свет“ не е само политичка идеја што произлегува од Србија, туку е дел од поширока регионална инфраструктура која создава удобна логистика за ширење на политичкиот и безбедносниот наратив на Кремљ.
Оваа стратегија, според него, има историска и институционална подлога: преку медиуми, политички структури, но и улогата на верските институции, особено на црквата, кои во регионот често играат улога на геополитички фактор.
Пендаровски ја споредува генезата на рускиот и српскиот свет, објаснувајќи дека иако произлегуваат од различни национални контексти, двата концепта имаат слична цел – одржување и ширење на влијание, блокирање на евроатлантските интеграции и задржување контрола врз соседството.
Во интервјуто се наметнува и еден критичен сигнал со голема тежина: Пендаровски тврди дека во македонската влада има вицепремиер кој отворено и без прикривање работи во интерес на „српскиот свет“, а неговите јавни ставови директно одат контра на позициите на Европската Унија и НАТО.
Иако не го именува, пораката е јасна – во највисоките институции постојат политички актери кои не случајно го носат овој наратив, туку го градат како дел од сопствениот политички интерес.
Централната теза на Пендаровски е јасна и алармантна: Македонија не е вовлечена во „српски свет“ преку надворешен притисок, туку преку домашни политичари, интересни групи и медиумски центри кои функционираат како локални амбасадори на туѓи стратегии.
Во таа смисла, опасноста за државата не произлегува од Србија, туку од Скопје – од внатрешното политичко доброволство кое ги слабее институциите, го продлабочува раздорото и го поларизира општеството.
„Државата нема надворешен диктат да влезе во тоа. Но, постојат структури дома кои го прават тоа доброволно, со јасен интерес – и на штета на државата“, заклучува Пендаровски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

