Јотова: Северна Македонија ги претставува европските критериуми како желба на Бугарија
Бугарската вицепретседателка Илијана Јотова остро реагира на, како што рече, обидите на Северна Македонија да ги изобличи легитимните барања на Бугарија за почитување на европските критериуми. Според неа, Скопје се обидува овие барања да ги претстави како „пришевка“ на Софија и како блокада, што не е вистина, истакна таа.
„Има обид од страна на Северна Македонија да се прикажат сосема нормалните и легитимни барања на Бугарија за исполнување на европските стандарди како некаква наша каприциозна блокада. Тоа не е точно“, изјави Јотова пред почетокот на форумот „ЕУ ги среќава Балканите“ што се одржува во Софија.
Таа посочи дека се надева оти од комесарката Марта Кос ќе се слушне јасна визија и проект за проширување на Европската Унија кон Западен Балкан, бидејќи според неа, оваа тема била занемарена во последните месеци. Јотова додаде дека дебатата за проширувањето се искривува – и во самата Бугарија, но и на европско ниво.
Во однос на внатрешно-политичките случувања во Бугарија, односно одлуката на ДПС да ја повлече поддршката за владата на премиерот Желјазков, Јотова изјави дека се надева оти клучните надворешнополитички приоритети ќе бидат зачувани, без разлика кој е на власт. Според неа, гласањето недоверба е нормален дел од демократскиот процес и парламентарната пракса.
„Нема да коментирам партиски политички одлуки“, додаде кусо вицепретседателката.