15 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во најновата епизода од „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на Слободен печат, гостуваше отец Јани Мулев, свештеник од Велес, кој јавно проговори за вознемирувачки и шокантни случаи поврзани со злоупотреба на довербата на луѓето што барале помош кај бајачи.
Отец Мулев, кој е познат како духовник што постојано е меѓу народот и директно се соочува со нивните маки и трагедии, раскажа за конкретен случај од велешкиот регион. Според неговите зборови, жени кои имале проблеми со неплодност биле упатувани кај бајач, каде што оделе на „преспивање“ со надеж дека ќе добијат деца. Наместо помош, тие биле жртви на силување.
„Знам во велешко, некаде одеа жени на преспивање за да добијат деца, а таму беа силувани од бајачот“, изјави Мулев во подкастот.
Свештеникот посочи дека ова не е изолиран случај и дека постојат и други слични примери на сериозна злоупотреба. Тој наведе и случај од околината каде што друг бајач, кој имал сексуални склоности кон мажи, ги терал да преспиваат кај него и ноќе влегувал гол во собите.
„Има такви многу случаи, па луѓето бегаат навечер, во 2-3 часот боси бегаат, низ прозорец скокаат. Има многу такви случаи“, вели отец Мулев.
Според него, основата на ваквите злоупотреби е стравот во кој се држат луѓето. Тој нагласува дека бајачите и сличните лица манипулираат со човечката немоќ, болка и очај, создавајќи заблуди и чувство на закана.
„Ги држат луѓето во страв, а стравот е тоа што ги прави покорни и послушни“, додава тој.
Изјавите на отец Јани Мулев повторно ја отвораат темата за опасностите од надрилекарството, баењето и лажната духовна помош, како и потребата од поголема свесност и институционална реакција за заштита на жртвите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

