03 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Осудениот за подметнување пожар во велешкото село Капиново, Сашо Муневски, денеска пред Основниот суд во Велес изјави дека сопственикот на рибникот „Нежилово“ им ветил 25.000 евра за да ја запалат викендичката на Игор Јорданов. Според неговото сведочење, целта била да се исплаши сопственикот и да се принуди да го напушти селото.
Муневски, кој веќе е правосилно осуден на седум години затвор откако ја призна вината, тврдеше дека на крајот не добил ниту денар од ветената сума.
„Изигран сум, на крај не зедов ни денар“, изјави тој пред судот.
За последниот подметнат пожар во Капиново, кој се случи во мај минатата година, полицијата уапси тројца осомничени – Сашо Муневски и Даниел Димески од Прилеп, како и Ѓоре Петровски од Ореше, познат како Ѓоре Американецот.
Муневски ја призна вината и доби седумгодишна затворска казна, додека судската постапка против Петровски и Димески продолжува. Двајцата се бранат дека мислеле оти одат на кражба, а не на подметнување пожар.
Во своето сведочење, Муневски посочи дека токму Ѓоре Петровски го запознал со Трајко Димовски, сопственик на рибникот „Нежилово“. Според него, Димовски им ветил 25.000 евра за да ја запалат викендичката на Јорданов.
Муневски рече дека со Петровски неколкупати се сретнале со Димовски – во Прилеп и во рибникот во Нежилово – каде што го договарале опожарувањето.
За време на сведочењето, Петровски од судница дофрлувал дека Муневски лаже и прашувал колку му платиле за да сведочи против него. Инаку, Трајко Димовски не е опфатен со обвинението во овој предмет.
Муневски исто така тврдеше дека Даниел Димески не бил информиран дека одат да подметнат пожар.
Во изминатите неколку години, во регионот на велешки Азот беа запалени повеќе куќи и викендици. Случајот со пожарот во Капиново е дел од пошироката серија инциденти што предизвикаа вознемиреност кај локалното население.
Дел од оштетените сопственици претходно јавно го обвинуваа Петровски како директен извршител, а некои посочуваа дека зад нарачките стои Димовски.
Трајко Димовски во изјава за емисијата КОД ги негираше обвинувањата за вмешаност во подметнувањето пожари.
„Луѓето на кои им е запалена викендичката ниту ги знам ниту ги познавам. Не сум имал никаква комуникација со Ѓоре Петровски“, изјави тој.
Димовски објасни дека Петровски доаѓал во ресторанскиот дел од рибникот, но дека како објект од јавен карактер не можел да му забрани влез.
„Јас не можам некого да го избркам ако дојде во ресторан. Ова е објект од јавен карактер, за луѓе е“, рече Димовски.
Инаку, Ѓоре Петровски во минатото бил осудуван за подметнување пожари во Ореше. Пред две децении беше обвинет и за нарачано убиство во селото, но по долготрајна судска постапка беше ослободен од одговорност.
Судењето за пожарот во Капиново продолжува, а јавноста очекува расчистување на сите околности околу серијата подметнати пожари во регионот.
Ќе достигне ли златото 6000 долари за тројунција? Кои се условите за такво сценарио?
Благојче Атанасоски: Македонија секојдневно живее во деветтиот круг на пеколот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

