25 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Одбраната на сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, на денешното судско рочиште побара тој да биде пренесен од затворот во Куманово во затворот во Идризово. Адвокатката Ивана Коцевска истакна дека нејзиниот клиент бил изложен на „деградирачки, нечовечки и понижувачки“ третман од страна на затворскиот персонал во Куманово.
Како дополнителни причини за ваквото барање, одбраната ги наведе близината на судницата до затворот во Куманово, како и здравствената состојба на Јованов и потребата од лекарска интервенција.
Претходно, адвокатот Петре Шилегов, кој го брани Шефкет Хазари од Министерството за економија, побара судот да го преиспита обвинението со цел да се утврди кој од обвинетите бил директно инволвиран во настанот, а кој не. Тој предложи издвојување на постапките и одложување на денешното рочиште.
Судот го одби ова барање, образложувајќи дека не може да му наложи на Јавното обвинителство како да постапува. Судијката Дијана Груевска-Илиевска нагласи дека Обвинителството е самостоен орган и дека судот постапува исклучиво по поднесеното обвинение, без да се меша во неговата работа. Таа додаде дека судот нема увид во друго обвинение, ниту може да врши споредба во оваа фаза од постапката.
Според Шилегов, обвинението против дел од обвинетите, меѓу кои и Хазари, е правно неодржливо, бидејќи тие немале законска надлежност за инспекциски надзор. Тој истакна дека „правдата не смее да се гради врз неправда“.
Судењето продолжи со сведочење на Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК. По нејзиното сведочење, предвидено е сослушување на уште четворица сведоци.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во несреќата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Според информациите изнесени во истрагата, во објектот имало повеќе посетители од дозволениот број, меѓу кои и малолетници. Пиротехнички средства биле активирани без соодветна дозвола. Дополнително, дискотеката работела незаконски повеќе од една деценија, без исполнување на минималните технички услови, со извршени реконструкции без дозволи и без соодветен систем за противпожарна заштита.
За трагедијата се обвинети повеќе од 30 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Прв ден без прекршок за поминување на црвено од стартот на „Безбеден град“
Бугарија меѓу водечките дестинации за германски инвестиции во Југоисточна Европа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

