22 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Основното јавно обвинителство во Штип информираше дека три од малолетничките вклучени во бруталниот напад врз нивна врсничка, кој неодамна ја потресе јавноста, се под 14-годишна возраст и поради тоа не можат да сносат кривична одговорност.
Според Обвинителството, за овие деца ќе биде донесено решение за отфрлање на кривичната пријава, а надлежните социјални служби веќе се известени да преземат мерки за заштита и помош. Тие, заедно со нивните законски застапници, биле повикани на информативен разговор во обвинителството, каде им биле објаснети последиците и сериозноста на нивното насилно однесување.
Во инцидентот е вклучено и едно дете кое во моментот на нападот имало наполнето 14 години, па за него се води кривична постапка согласно Законот за правда за децата. Обвинителството ќе достави барање до судија за деца за поведување подготвителна постапка, со предлог да бидат изречени соодветни воспитни мерки.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, особено по сведочењето на таткото на нападнатото девојче. Според изјавите објавени од PortalinX, тој тврди дека обвинителката Татјана Кацарова се обидела да го одврати од инсистирање на понатамошно гонење, наведувајќи дека „немало доволно докази“.
Таткото вели дека обвинителката ја омаловажила видео-снимката направена со мобилен телефон од друго дете и ја оспорила лекарската документација, иако, според него, медицинските наоди биле извадени само неколку дена по нападот.
„Ми рече да не се надевам на некаков резултат. Но јас ќе одам до крај. Мора да има правда за моето дете,“ изјави таткото за медиумите.
На видеото што кружи на социјалните мрежи се гледа како група малолетнички жестоко напаѓаат друга девојка, додека присутни сведоци го снимаат инцидентот. Снимката предизвика лавина реакции и повторно ги отвори прашањата околу малолетничкото насилство и институционалните механизми за негово спречување.
Обвинителството уверува дека надлежните служби се веќе активирани и дека постапките ќе се водат согласно законските процедури.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

