Обвинителството ги чека резултатите од вештачењата за загадувањето на Крива Река
Јавното обвинителство ја продолжува предистражната постапка за наводното загадување на Крива Река и ги очекува резултатите од вештачењата на земените примероци. Целта е да се утврди дали постои основ за покренување постапка за кривично дело поврзано со загрозување на животната средина.
Досега, обвинителството ги има добиено анализите испратени од Државниот инспекторат за животна средина и се очекуваат дополнителни податоци од Општина Крива Паланка. Информациите треба да помогнат во расветлување на случувањата поврзани со евентуалното испуштање на штетни материи во реката, по инцидентот во рудникот „Тораница“.
Директорката на Државниот инспекторат, Ивана Гиновска, ги отфрли тврдењата на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, дека концентрациите на цијанид во реката биле неколкукратно над дозволените. Таа изјави дека според нивните анализи, нивото на цијаниди било под 2, но не прецизираше кога се земени примероците. Исто така потврди дека инспекторите не зеле мостри веднаш по инцидентот со пукнатата цевка во рудникот.
Од друга страна, поранешната министерка за животна средина и потпретседателка на СДСМ, Каја Шукова, во гостување на телевизија изјави дека според испитувањата спроведени по иницијатива на градоначалникот, концентрацијата на цијанид во водата била 14 пати над дозволеното. Таа ја критикуваше институционалната реакција како задоцнета и несоодветна, што предизвика реакции и во јавноста и кај еколошките организации.
Обвинителството ќе ја продолжи постапката по добивање на сите релевантни резултати и извештаи, со цел да се утврдат фактите и евентуалната одговорност за загадувањето.