16 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет за функционирањето на новогодишниот лунапарк „Зимзоленд“, лоциран во општина Аеродром, со цел да се утврди дали постојат елементи на кривичното дело предизвикување општа опасност.
Како што потврдија од Обвинителството за „360 степени“, предметот е оформен по допрен глас, по јавно објавените информации дека надлежните инспекциски служби не постапуваат согласно своите законски надлежности за отстранување на реквизитите од лунапаркот, иако биле утврдени низа пропусти во неговото работење.
Од Јавното обвинителство информираат дека во најкус можен рок ќе биде издадена наредба до Министерството за внатрешни работи, односно до Единицата за економски криминал, за да изврши увид на терен и да ја обезбеди целокупната документација поврзана со работењето на „Зимзоленд“.
„Бидејќи јавно објавените информации укажуваат дека надлежните инспекциски органи не постапуваат согласно законските надлежности за отстранување на реквизитите, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас и веднаш ќе издаде наредба до МВР – Единица за економски криминал да излезе на терен, да направи увид и да ја обезбеди целокупната документација, со цел да се испитаат евентуални елементи на кривично дело предизвикување општа опасност“, соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Претходно, Телевизија Телма објави дека повеќе инспекциски служби утврдиле сериозни пропусти во работењето на новогодишниот лунапарк, но и покрај тоа, „Зимзоленд“ продолжил со работа. Во рамки на постапувањето, на барање на Бирото за јавна безбедност бил спроведен и вонреден инспекциски совет во кој учествувале сите надлежни институции.
Иако законските прописи предвидуваат дека во случај инспекторите да утврдат каква било опасност, објектот или просторот треба веднаш да биде запечатен, досега ниту една инспекциска служба не презела таква мерка.
Од Град Скопје и од Општина Аеродром ја потврдија својата надлежност за случајот, наведувајќи дека постапуваат во рамките на законот. Сепак, од Градот Скопје информираат дека иако нивните инспекциски служби утврдиле дека лунапаркот нема соодветна дозвола, надлежноста за негово отстранување ја има Општина Аеродром.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека градските инспекции трипати излегле на терен и дека Општина Аеродром била укажана да постапи преку својата градежна инспекција.
„Не може кој било, кога и каде ќе му текне, во главниот град да поставува реквизити или каква било опрема без одобрение од Градот Скопје“, изјави Ѓорѓиевски.
Од друга страна, од Општина Аеродром, како што пренесе Телма, посочуваат дека известувањето од Град Скопје не е обврзувачко за нив. Според општинските власти, тие постапуваат согласно законската процедура, според која треба да поминат осум дена од приемот на записникот од инспекцискиот совет. Со оглед дека инспекторите биле на терен на 10 декември, најраниот датум за нивно понатамошно постапување е 18 декември.
Од „Зимзоленд“ минатата недела потврдија дека во лунапаркот се вршат инспекциски надзори, но ги демантираа наводите во дел од медиумите дека забавниот парк ќе биде затворен.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

