Нови 2.347 случаи на грип во Македонија, уште еден смртен случај
Минатата седмица во државава се пријавени 2.347 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грипот, за 8,6 проценти помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со истиот период од минатата сезона е зголемен за 5,5 пати, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје.
Пријавен бил уште еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 82 години од Скопје, кое било хоспитализирано во КБ – Штип. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена influenza А(H3), појаснуваат од Институтот.
Од новозаболените, во однос на возрасната дистрибуција, 1.454 лица се на возраст од 15 до 64 години. Деца се 516 на возраст од пет до 14 години. Над 65 години се 198 лица, а 179 се деца на возраст до четири години.
Во Скопје има 931 заболен, Битола – 202, Куманово – 176, Струмица – 112, Тетово – 105, а во останатите, бројот на заболени е помал или еднаков на сто, информираат од ИЈЗ. Во Дебар и Ресен има многу висока активност на вирусот на грип.
Податоците покажуваат дека во сезоната 2024/2025, вкупниот број на случаи на грип – заболувања слични на грип, изнесува 22.291.
Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани биле четири починати лица асоцирани со грипот.
Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Заклучно со 10-та недела, во Македонија вакцинирани се вкупно 72.294 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.