06 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Милиони долари поврзани со режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро поминувале низ банкарскиот систем на Северна Македонија, а јавноста сè уште нема одговор за тоа за чии потреби биле наменети овие средства, какви врски стојат зад нивното влегување во земјата и каде на крајот завршиле. Ова се наведува во соопштението на политичката партија Нова Република, која повторно ја актуелизира таканаречената „венецуелска врска“.
Според Нова Република, и поранешните и сегашните власти, предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, редоследно спречувале темелна истрага за можните финансиски релации меѓу домашниот банкарски систем и, како што наведуваат, „нарко-авторитарниот режим“ на Мадуро. Како конкретен пример се посочува случајот со „Евростандард банка“, за кој, според партијата, никогаш не била спроведена целосна и независна истрага, а банката подоцна била ликвидирана со одлука на Народната банка на Република Северна Македонија.
Од Нова Република оценуваат дека вистинско дистанцирање на ВМРО-ДПМНЕ од авторитарни режими и политички модели во регионот и пошироко – од Белград и Будимпешта, па сè до Москва и Каракас – може да се демонстрира само преку отворање и расчистување на „венецуелската врска“ во земјата.
Во исто време, за СДСМ, како што се наведува, искрено дистанцирање од нарко-политички структури би значело утврдување на одговорноста на тогашните партиски и државни функционери за тоа зошто ваквите сомнителни финансиски текови не биле санкционирани навреме.
Партијата смета дека соочувањето на македонската финансиска и политичка елита со овие настани, како и расчистувањето на улогата на истражните органи, правосудството и монетарната власт во, како што велат, прикривањето на аферата, би имало далекусежни последици. Според Нова Република, токму таквото расчистување „чудесно“ би ги деблокирало и борбата против корупцијата и криминалот, но и процесот на европските интеграции на Северна Македонија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

