Нов удар за економијата: ЕУ воведува построги еко-стандардни за извоз на текстил
Македонските текстилни компании, кои последните години успешно се пробија на европскиот пазар, особено во Германија, би можеле наскоро да се соочат со сериозен предизвик. Европската Унија најави нов сет на регулативи кои предвидуваат построги стандарди за дизајн, квалитет и еколошка одржливост на текстилните производи.
Според објавата на Европската комисија, новите правила се дел од пошироката Стратегија за одржливи и кружни производи, чија цел е да се намали расипничкото трошење, да се поттикне поправливоста и рециклирањето, и да се создадат производи што траат подолго.
Во фокусот на овие измени се токму текстилот, мебелот, гумите и душеците – сектори кои ќе мора да ги прилагодат своите производи кон новите еко-стандарди. За македонската текстилна индустрија, која се потпира на извоз кон ЕУ, ова значи неопходност од брза адаптација.
Новиот европски рамковен закон: Што предвидува ESPR?
Регулативата за еко-дизајн за одржливи производи (ESPR) стапи на сила во јули 2024 година. Овој закон ги поставува темелите за вградување на издржливоста, енергетската ефикасност и можноста за рециклирање уште во самата фаза на дизајн на производите.
Покрај текстилот, во првиот бран на оваа регулатива ќе бидат опфатени и челикот, алуминиумот, како и електронски уреди како мобилни телефони, фрижидери и машини за перење.
Работниот план за периодот 2025–2030, кој беше усвоен оваа недела, дефинира конкретни чекори за имплементација на ESPR, вклучувајќи нови правила за енергетско означување и посебни критериуми за различни категории производи. Иако првично беа предвидени и хемикалиите, пластиката и обувките, овие сектори засега се повлечени од планот.
Последици и можности за македонските компании
Иако новите регулативи претставуваат потенцијален товар за компаниите, Европската комисија ги претставува како можност за унапредување и модернизација на производството.
„Овие правила важат за сите производи на единствениот пазар на ЕУ, без оглед од каде доаѓаат. Целта е сите да придонесуваат кон амбициозните цели на Унијата – заштита на животната средина, поттик на иновациите и отворање нови работни места“, истакна европскиот комесар за индустрија, Стефан Сежурн.
Македонските производители ќе треба да вложат во нови технологии, да користат поодржливи материјали и да ги прилагодат производствените процеси за да останат конкурентни на пазарот на ЕУ.
Истовремено, ова може да значи и отворена врата кон нови пазари, бренд позиционирање и долгорочна стабилност, особено за оние кои први ќе ги прифатат новите правила.