31 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Аналитичарката и поранешна пратеничка Никица Корубин оценува дека Северна Македонија веќе четири години се наоѓа во состојба на самонаметната блокада на сопствениот европски пат. Според неа, процесот на европска интеграција е ефективно закочен уште од 2022 година, од моментот на добивањето на преговарачката рамка со Европската Унија, а причините за тоа не треба да се бараат надвор од државата, туку во начинот на кој функционираат домашните институции, пред сè Собранието, кое одбива да ги спроведе преземените државни обврски и е целосно подредено на партиските интереси.
И покрај драстично променетите регионални и геостратегиски околности во изминатиот период, политичките партии, вели Корубин, не покажуваат подготвеност уставните измени да ги третираат како врвен државен приоритет. Ова се случува и покрај јасната, непроменета и исклучително поволна позиција на Советот на ЕУ, според која преговорите по поглавја ќе започнат веднаш по усвојувањето на уставните измени, без дополнителни политички условувања.
Наместо да се искористи оваа можност во интерес на граѓаните, уставните измени свесно се игнорираат, релативизираат или дискредитираат во јавниот простор. Корубин укажува дека тие стануваат предмет на политички манипулации и медиумски кампањи кои шират страв, антагонизам и нетрпеливост, со што се замаглува суштината на европскиот процес и неговата важност за државата.
Таа оценува дека актуелната владина позиција е продолжение на предизборните ставови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се движат од нереални барања за предоговарање на преговарачката рамка, преку идеи за уставни измени со одложено дејство, до апстрактни барања за „гаранции за идентитет“. Според Корубин, ваквите позиции се особено проблематични бидејќи токму постојната европска рамка веќе ги адресира и ги штити идентитетските прашања, што го прави нејасно инсистирањето на нејзина промена.
Како дополнителен проблем, Корубин ја посочува и улогата на албанскиот партнер во власта, кој и покрај претходните јавни ветувања за брзо спроведување на уставните измени, денес не придонесува за деблокирање на процесот. Таа потсетува дека албанските политички партии, и во власта и во опозиција, имаат клучна улога во носењето на ваквите одлуки, особено поради Бадентеровото мнозинство и нивната традиционална проевропска ориентација.
Со оглед на фактот дека над 70 проценти од граѓаните континуирано го поддржуваат членството во Европската Унија, Корубин предупредува дека ваквата самоблокада е долгорочно неодржлива и носи сериозни ризици за политичката, економската, социјалната и меѓуетничката стабилност на државата. Според неа, станува неизбежно политичките елити јасно да се определат дали ќе ја следат волјата на граѓаните и стратешката ориентација на Северна Македонија, или ќе продолжат со политики што ја држат државата заглавена надвор од европскиот процес.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

