03 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Училиштето било информирано за семејното насилство во домот на првачето Катја уште на почетокот на учебната година – сведочеше нејзината класна наставничка на вчерашното судско рочиште во Основниот кривичен суд. Пред судот таа детално го опиша однесувањето на Катја, контактите со мајка ѝ Ивана и таткото Стојанче, како и настаните што му претходеле на 2 март, денот кога мајката Ивана се самоуби заедно со шестгодишната ќерка Катја скокајќи од стан во скопската населба Тафталиџе.
Наставничката посочи дека првите информации за проблемите во семејството ги добила на првата родителска средба во септември, на која присуствувала бабата на девојчето.
– Јас ѝ бев наставничка на Катја, таа беше прваче кога во септември ги прифативме првачињата. Катја и Ивана ги запознав на првиот училиштен ден, при приемот немаме контакти со родителите, но во првата седмица веднаш на 3 септември имавме родителска средба. На оваа родителска средба родителите на Катја не беа присутни, туку присутна беше мајката на Ивана. По завршувањето на родителската, ја прашав зошто не се родителите присутни, таа почна да плаче и ми рече дека Ивана не била во состојба да дојде бидејќи во семејството се случува семејно насилство од страна на таткото на Катја – истакна наставничката.
За случајот веднаш бил известен училишниот психолог, кој дал насоки да се следи состојбата на ученичката. Алармот кај наставниот кадар дополнително се вклучил кога за време на детска игра Катја рефлектирала сцени на насилство од домот.
– За време на игра, Катја падна на подот и рече дека така паѓала мајка ѝ кога татко ѝ ја удирал. Веднаш го известив психологот, кој разговараше со неа и со мајката. Ивана била упатена каде да се обрати за помош и ни беше кажано да внимаваме на детето – појасни наставничката.
Во следниот период, според сведочењето, девојчето не покажувало видливи знаци на вознемиреност. Била ведра, комуникативна и прифатена од соучениците, а најчесто ја земале од училиште мајката или бабата.
– Катја се однесуваше како и сите други деца. Не покажуваше страв или затвореност. Нејзините цртежи беа ведри, со насмеани лица и сонце. Не помисливме дека нешто сериозно се случува – рече наставничката.
Сепак, таа посочи дека таткото ретко доаѓал во училиштето, но во една пригода влегол во училницата, а во друга дошол видно вознемирен барајќи контакт од родител на друго дете.
Состојбата повторно станала загрижувачка пред новогодишните празници, кога бабата информирала дека Ивана се вратила кај таткото на Катја.
– Таа ми кажа дека е загрижена за нивната безбедност. По распустот, Ивана дојде на родителска средба, но веднаш си замина. Имав намера да разговарам со неа, но не успеав – сведочеше наставничката.
Во однос на 2 март, наставничката го опиша последниот ден на Катја во училиштето како сосема вообичаен.
– Тој ден Катја беше среќна. Рече дека претходниот ден била на шопинг со мајка ѝ. По часот по физичко, мајка ѝ ја земала од училиштето. Вечерта дознавме дека се мртви – изјави наставничката.
Сведочењето фрли дополнително светло врз претходните индикации за семејно насилство и контактите на училиштето со семејството, кои, според изјавите, биле навремено евидентирани и проследени до стручните служби.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

