македонија04 декември 2024 МВР: Средба Тошковски - Нешиќ: Одличната соработка меѓу двете министерства дава одлични резултати за безбедноста на нашите граѓани - 04 ДЕКЕМВРИ 2024
Работна средба помеѓу министерствата за внатрешни работи на Северна Македонија и Босна и Херцеговина
Денеска во Скопје, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, оствари значајна работна средба со делегацијата на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, предводена од министерот Ненад Нешиќ. Оваа средба беше фокусирана на продлабочување на соработката меѓу двете министерства и унапредување на пријателските односи.
„Разговаравме за сите прашања во интерес на двете држави, со цел да ги спроведеме потребните реформи и да се доближиме кон европското семејство. Тоа е патот којшто треба да го изодиме заедно“, изјави министерот Тошковски. Тој истакна дека соработката меѓу полициите на двете држави е на високо ниво и дека постојано работат на нејзино унапредување.
Министерот Тошковски, исто така, се заблагодари на Босна и Херцеговина за можноста граѓаните со валидни лични карти и пасоши да транзитираат низ нејзината територија, што е дополнителен доказ за добрата соработка на двете министерства.
Ненад Нешиќ, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, ја поздрави соработката, нагласувајќи дека двете земји немаа отворени прашања и дека во иднина ќе продолжат со негување на пријателските односи. „Разговаравме за безбедносните проблеми, како што се нелегалната миграција, трговијата со луѓе и корупцијата. Двете министерства работат интензивно на сузбивање на криминалот“, додаде Нешиќ.
Министрите се согласија дека унапредувањето на соработката ќе продолжи и во следниот период. Планирано е во првата половина на следната година, за време на посетата на министерот Тошковски на Министерството за внатрешни работи на БиХ, да биде потпишан протокол за соработка во областа на форензичките испитувања и вештачења, со цел размена на професионални искуства и поддршка во унапредувањето на методите на работа.
Оваа работна средба е уште еден потврден знак на посветеноста на двете земји за унапредување на заедничката безбедност и соработка помеѓу нивните институции.