македонија04 декември 2024 МВР: Преку измени во легислативата до дигитален простор без насилство и дискриминација - 04 ДЕКЕМВРИ 2024
Потребни измена во законодавството за зајакнување на борбата против родово базираното насилство на интернет
Скопје, 04.12.2024г. - Со цел да се обезбеди ефективен институционален одговор на родово базираното насилство на интернет, од суштинско значење е да се извршат промени во правната рамка и да се зајакне меѓусекторската соработка. Оваа заклучок е резултат на Анализата на законодавството за родово-базирано насилство на интернет, подготвена како дел од проектот „Сузбивање на сексуалното и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“.
На презентацијата на анализата, помошникот министер за внатрешни работи, Муамет Реџепи, потенцираше дека со напредокот на дигитализацијата се зголемува и сериозноста на родово базираното насилство во онлајн просторот, што дополнително ја истакнува потребата од соодветен одговор и конкретни активности од страна на Министерството за внатрешни работи. „Заедничката работа од страна на институциите, организациите и поединците е клучна во борбата против родово базираното насилство во дигиталната сфера. Едукацијата и подигнувањето на свеста за безбедноста на интернетот, како и посилните закони и механизми за заштита на жртвите, се од особена важност“, истакна Реџепи.
Ана Чернишова, заменичката постојана претставничка на УНДП во Северна Македонија, ја нагласи важноста на настанот, по повод иницијативата 16 дена активизам против родово базираното насилство. „Со поддршка на Република Кореја, УНДП работи на зајакнување на националниот одговор на технолошки овозможеното родово базирано насилство. Заедно со Министерството за внатрешни работи, организираме обуки за полициски службеници и јавни обвинители, како и кампањи за подигнување на свеста“, изјави Чернишова.
Според Неда Чаловска Димовска, авторката на Анализата, постои правна рамка, но е потребно дополнување, особено во Кривичниот законик, за целосно прифаќање на препораките на Истанбулската конвенција. „Потребно е да се работи на градење на капацитетите на полициските службеници, судските институции и центрите за социјална работа за подобро да го разберат и да го препознаат овој вид на насилство“, рече Чаловска, додавајќи дека Академијата за судии и јавни обвинители треба да имплементира обуки на оваа тема.
Со цел да се зајакне борбата против родово базираното насилство, потребно е дополнителен напор од сите институции во општеството. Заклучоците од анализата укажуваат на важноста од колективна акција и промена во свеста за дигиталната безбедност и правата на жртвите, што е клучно за создавање на побезбедно опкружување за сите.