МВР поднесе кривични пријави за 43 лица поврзани со измами со „брзи кредити“
Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство Скопје против 43 лица инволвирани во организирана шема на измами со „брзи кредити“. Случајот го истражуваше Единицата за економски криминал и корупција при СВР Скопје, која открила серија криминални дејствија вклучувајќи компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци.
Од вкупно 43 осомничени, четворица – меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување – се предмет на истрага за повеќе кривични дела: Фалсификување исправа (член 378), Злоупотреба на лични податоци (член 149), и Компјутерска измама (член 251-б) од Кривичниот законик. Останатите лица се товарат со поединечни дејствија на соизвршителство и помагање.
Истражните органи собрале обемен доказен материјал кој укажува дека од јули 2022 година, осомничените организирано и со умисла спроведувале поврзани криминални дејствија со крајна цел прибавување имотна корист. Дејствијата биле изведувани по повторлив образец – користеле туѓи лични податоци без знаење на оштетените, фалсификувале јавни и електронски исправи и внесувале невистинити информации во системите на десетина финансиски друштва.
Осомничените поднесувале лажни барања за кредити на имиња на други лица, создавајќи обврска тие да ги вратат парите за кредити кои никогаш не ги подигнале. Во некои случаи, биле фалсификувани и податоци за вработување – невработени граѓани биле прикажувани како кредитоспособни, врз основа на што биле добивани „брзи кредити“ кои потоа останувале ненаплатени.
Истрагата открила дека службено лице од Фондот за здравствено осигурување обезбедувало податоци од електронскиот систем – вклучително и ЕЗБО броеви – со што се овозможувало поднесување на лажни апликации за кредити. Овие податоци биле користени за поднесување на повеќе апликации во ист ден во различни кредитни друштва.
Парите добиени преку измамите биле веднаш извлекувани од сметките и најчесто предавани на организаторите на шемата. Според проценките на надлежните органи, незаконски прибавената имотна корист од овие активности надминува три милиони денари.
МВР и ОЈО најавуваат натамошно проширување на истрагата и истовремено упатуваат апел до граѓаните да внимаваат на заштитата на своите лични податоци.