МВР алармира: Возење во пијана состојба – три приведувања за една ноќ!
Полициските службеници од СВР Куманово ноќеска приведоа тројца возачи кои управувале моторни возила под дејство на алкохол, информира Министерството за внатрешни работи.
Во 01:30 часот на регионалниот пат Куманово–Свети Николе, бил приведен Н.М. (28) од селото Биљановце, Кумановско. Тој управувал патничко возило марка „БМВ“ со кумановски регистарски ознаки, а при извршената контрола му биле измерени 1,68 промили алкохол во крвта. Веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Само 25 минути подоцна, на улицата „Ѓорче Петров“ во Куманово, бил приведен и В.К. (42) од селото Доброшане, Кумановско. Тој управувал патничко возило „Голф“ со 1,69 промили алкохол во крвта, по што исто така бил исклучен од сообраќај и задржан.
Околу 03:00 часот на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово, полициските службеници го привеле Б.Д. (28) од с.Табановце, Кумановско, кој управувал „Голф“ со 1,56 промили алкохол во крвта.
Сите тројца возачи се задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“.
Од МВР апелираат до граѓаните да не управуваат возила под дејство на алкохол со цел да се зачуваат безбедноста и животите на сите учесници во сообраќајот.