Муртезани: Таравари се откажа од борбата против криминалот и се доближува до ДУИ
Министерот за европски прашања и претставник на коалицијата „Вреди“ од партијата Алтернатива, Орхан Муртезани, остро го критикува Арбен Таравари, обвинувајќи го дека се откажал од првичната мисија за борба против криминалот и корупцијата, и дека се приближува кон Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Во интервјуто за „Топ тема“ на ТВ Телма, Муртезани потсети дека коалицијата Вреди била формирана со јасна цел – да се спротивстави на, како што ја нарече, „режимската власт“ на ДУИ. Но, според него, еден од коалициските партнери, алудирајќи на Таравари, го сменил фокусот кон лични и партиски интереси, особено во пресрет на локалните избори.
„По пат, еден од нашите партнери почна да ја менува приоритетната цел. Наместо борба против корупцијата, фокусот му стана колку општини ќе освои. Со тоа ја тргна бариерата за блиски односи со ДУИ и почна да гледа партнер во нив“, истакна Муртезани.
Тој предупреди дека отвореното кокетирање на Таравари со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, може да го загрози кредибилитетот и функционалноста на Владата.
„Ако Таравари јавно кокетира со Ахмети, го доведува во прашање целото функционирање на Владата. Тоа создава загриженост и мора да се расчисти“, рече министерот.
Муртезани ја коментираше и неодамнешната изјава на Таравари дека Владата не испорачувала доволно резултати, нарекувајќи ја тоа „алиби“ за можна коалиција со ДУИ. Тој истакна дека изјавата на Таравари дека „Гостивар е тешко победлива општина со Вреди“ укажува на намери за освојување на општината преку соработка со ДУИ.
„Се открива планот за приближување кон Ахмети. За да има алиби, мора да ја напаѓа Владата, а со тоа и самиот себе. Ако смета дека Владата не испорачува, нека излезе од неа. Нема логика да одиш со ДУИ за ‘да ги бива’“, порача Муртезани.
Во контекст на локалните избори, тој откри дека Таравари добил понуда за 40 отсто од кандидатурите за градоначалници, додека остатокот бил распределен меѓу другите три партии во коалицијата „Вреди“.
Изјавите на Муртезани доаѓаат во период на зголемени тензии во рамките на албанскиот политички блок и можат да имаат значително влијание врз предизборните договори и коалиции.