Мотоциклист загина во сообраќајна несреќа кај Копаница, сопатникот тешко повреден
Тешка сообраќајна несреќа со фатални последици се случи во средата вечерта на локалниот пат меѓу селата Копаница и Бојане, во скопскиот регион. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, мотоцикл марка „Сузуки“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 38-годишниот С.С. од селото Буковиќ, излетал од коловозот околу 18:25 часот.
Во несреќата возачот го загубил животот на самото место, како последица на здобиените повреди. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција.
Со тешки телесни повреди се здобил и сопатникот на мотоциклот, 41-годишниот С.Ј. од селото Копаница. Тој е пренесен и хоспитализиран во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што му се укажува медицинска помош.
На местото на несреќата извршен е увид од страна на јавен обвинител и екипа од СВР Скопје, која работи на целосно расветлување на причините за трагичниот инцидент.