македонија02 декември 2023 Министерот Спасовски од Куманово: Реконструирани сите полициски објекти во СВР Куманово
Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски остварија работна посета на Куманово.
Министерот Спасовски пред СВР Куманово, една од капиталните инвестиции на МВР потсети на реконструираните објекти на подрачјето на СВР Куманово, во насока на подобрување на материјално-техничките услови за работа на полицијата.
„Нема полициски објект на подрачјето на СВР Куманово кој не е реконструиран. А претходно беа заборавени со децении. Притоа, инвестиравме ни помалку ни повеќе туку 65 милиони денари, средства од буџетот на МВР. Објектот на СВР Куманово претставуваше навистина голема инвестиција, со вложени 47,2 милиони денари од буџетот на МВР, кој стана гордост на МВР од 2021 година наваму. Тоа го кажуваат полициските службеници што работат во него, а што е уште поважно тоа го забележуваат и граѓаните кои ги остваруваат своите граѓански права и обврски тука“, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите.
Тој потсети дека објектот на СВР Куманово датираше од далечната 1929 година, а реновирањето на објектот беше изведено во повеќе фази, со оглед на неколкуте организациони единици опфатени со проектот, во кои максимално се испочитувани стандардите за енергетска ефикасност.
Министерот Спасовски појасни дека истата година беа завршени и реконструкциските работи на објектите на уште две организациони единици при СВР Куманово, и тоа на Полициското одделение Ранковце и од Полициската канцеларија Старо Нагоричане, а првиот реконструиран објект на ова подрачје беше Полициската станица Кратово, завршена уште во 2019 година, за веќе следната година беше завршен и објектот на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, објект во амортизирана состојба, во кој за првпат откако е во владение на МВР се направија градежни интервенции.
Министерот Спасовски во оваа прилика се надоврза и на инвестициите реализирани од страна на Владата во овој регион.