26 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Матични гинеколози во приватни ординации незаконски наплаќале услуги кои, според договорите, треба да бидат целосно покриени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Ова го покажале заедничките контроли спроведени од ФЗО и Управата за јавни приходи (УЈП), откако до институциите пристигнале бројни претставки од пациентки.
Контролите биле извршени во ноември годинава во 49 приватни гинеколошки ординации низ државата, а како што информира директорот на ФЗО, Сашо Клековски, ваква координирана акција меѓу двете институции не била спроведена уште од 2012 година.
ФЗО има склучено договори со вкупно 149 приватни здравствени установи кои обезбедуваат примарна здравствена заштита во дејноста гинекологија. Целта на контролите била да се утврди дали матичните гинеколози ги почитуваат договорните обврски, според кои ЕХО-прегледите, колпоскопијата, земањето брис за микробиолошко и цитолошко испитување (ПАП-тест), како и другите дијагностички и терапевтски процедури засновани на медицина базирана на докази, не смеат да се наплатуваат од здравствено осигурените лица.
Резултатите покажале дека речиси половина од контролираните ординации работеле спротивно на правилата. Од вкупно 49 проверени установи, кај 26 не биле утврдени неправилности, додека 23 ординации добиле казни или санкции. Дел од нив наплаќале услуги кои треба да бидат бесплатни, а дел имале неуредна или неточна евиденција.
„Од контролираните установи, три имаат неправилности само кон ФЗО, 11 само кон УЈП, а кај девет се утврдени прекршоци кон двете институции. Главна неправилност кон Фондот е наплатата на дополнителни средства од осигурани лица, додека кај УЈП најчести се проблемите со фискализацијата“, изјави Клековски, додавајќи дека за сите утврдени прекршоци се изречени казни.
Контролите биле спроведени во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Штип и Струмица. Според податоците на ФЗО, најнизок степен на уредност е забележан во Струмица, каде што од пет контролирани ординации, само една била без неправилности. Висока неуредност е евидентирана и во Скопје, додека најдобра состојба е утврдена во Битола и Прилеп, каде околу 70 отсто од установите имале уредни наоди.
Директорката на УЈП, Елена Петрова, информира дека тие извршиле контроли кај 46 приватни гинеколози, при што кај 35 отсто од нив биле утврдени неправилности во евидентирањето на готовинскиот промет.
„Иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, тоа не значи дека неевидентирањето на прометот нема даночен ефект. Овие пропусти овозможуваат користење на приходите како неоданочени лични примања и го поттикнуваат растот на сивата економија“, истакна Петрова.
Таа предупреди дека при прва констатирана неправилност се изрекува глоба, а при повторен прекршок во рок од две години следуваат и построги мерки, вклучително и времено запечатување на ординацијата од 15 до 30 дена.
Од УЈП порачаа дека ваквото однесување нема да биде толерирано и дека ќе продолжат со засилени и координирани контроли со цел заштита на пациентите и почитување на законските обврски.
УЈП испрати околу 10.000 покани за пријавување доход остварен во странство
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

