30 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Брутална масовна тепачка меѓу групи иселеници од Македонија и Албанија ја вознемири јавноста во италијанскиот град Перуџа. Инцидентот се случил во бар во населбата Сан Систо и завршил со вистински хаос на улиците, 11 уапсени лица и повеќе повредени, меѓу кои и 27-годишен Македонец со тешки фрактури на нозете.
Според првичните информации од истрагата, конфликтот не бил однапред планиран, туку избувнал поради банална причина – фотографија направена со мобилен телефон. Вербалната расправија брзо ескалирала во масовна физичка пресметка, при што учесниците користеле столици, маси и дрвени палки подолги од 60 сантиметри. Во инцидентот биле вмешани и неколку романски државјани.
Ситуацијата дополнително се влошила кога двајца од учесниците се обиделе да побегнат со автомобил, при што налетале на 27-годишен Македонец. Тој се здобил со сериозни повреди на нозете и веднаш бил пренесен во болница во Перуџа, каде лекарите му одредиле лекување од најмалку 30 дена.
Полицијата сè уште трага по возачот и неговиот сопатник, меѓу кои има и едно малолетно лице.
По пријава на итниот број 112, на местото на настанот интервенирале бројни припадници на карабиниерите и полицијата. Уапсените се на возраст од 19 до 31 година, а дел од нив биле веќе познати на органите на редот поради претходни кривични дела.
При полицискиот претрес, кај еден од учесниците била пронајдена дрога, додека друг се обидел да ги сокрие клучевите од автомобилот во саксија со цел да спречи заплена на возилото. Сите приведени лица се префрлени во затворот „Капане“ и ќе се соочат со обвиненија за тешко насилство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

