26 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, оствари средба во Брисел со еврокомесарката за проширување, Марта Кос. На состанокот беше потврдена заедничката посветеност на евроинтегративниот пат на Македонија, како и поддршката за спроведување на реформите и имплементацијата на Планот за раст.
Во рамките на разговорите, Муцунски и Кос ја нагласија важноста од приклучувањето на Македонија кон европските механизми како што се СЕПА, но и иницијативите за укинување на роаминг-трошоците со Европската Унија. Дополнително, беше ставен акцент и на значењето на регионалната стабилност за успешно приближување кон европските стандарди.
Посебно внимание беше посветено на темата за справување со заедничките безбедносни предизвици. Двете страни разговараа за можностите за продлабочување на соработката во областа на безбедноста и одбраната, како клучен сегмент на европските интеграции и гаранција за трајна стабилност.
За формален почеток на преговорите со Европската Унија и отворање на поглавјата, останува условот за внесување на Бугарите во Уставот. Оваа обврска е дел од преговарачката рамка и претставува клучна точка за понатамошното движење на процесот на евроинтеграција.
Средбата во Брисел ја потврди определбата на Македонија да продолжи со реформските процеси и со приближувањето кон Европската Унија. Поддршката од европските институции, заедно со исполнувањето на преостанатите услови, се гледаат како важен поттик за забрзување на евроинтегративниот процес.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден