20 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Младата струмичанка Д-р Марија Спасова, специјализант по кардиологија во Националната кардиолошка болница во Софија, веќе шеста година живее и работи во Бугарија, упорно остварувајќи го својот сон да стане квалитетен и посветен кардиолог.
Со само 25 години, Марија зад себе има шестгодишни медицински студии и е на пат кон уште неколку години специјализација – процес кој бара многу труд, посветеност и жртви.
Од мали нозе знаела дека сака да студира медицина, но уште во средно училиште решила дека ќе ја продолжи својата едукација надвор од Македонија.
„Не ми се допаѓаше како работите се поставени во нашиот систем“, вели таа. „Опциите беа – или да станам дел од него или да го избегнам, барем додека сум во процес на едукација.“
Иако била примена и во други земји, како Словенија, Унгарија и Србија, на крајот ја избрала Софија – град кој е блиску до татковината и ѝ овозможил да биде поврзана со Македонија додека работела како новинарка.
По дипломирањето, неколку посети на Клиниката за кардиологија ѝ помогнале да ја открие својата вистинска професионална љубов.
„Кардиологијата е област што бара аналитичко размислување, брзи одлуки и постојано усовршување“, вели Марија. „Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот, а тоа ја прави оваа специјалност исклучително важна.“
Во Бугарија, додава таа, специјализацијата е поорганизирана и пристапна – секоја болница самостојно распишува конкурси, без долгогодишно чекање или влијанија од институции.
„Ретко ќе најдете специјализант којшто е наспан, одморен и платен,“ вели со насмевка младата докторка.
Таа истакнува дека специјализацијата, иако исполнувачка, е физички и психички исцрпувачка.
„Медицинскиот факултет трае шест години, специјализацијата дополнителни четири до шест – вкупно 10 до 12 години,“ објаснува Марија. „Додека твоите врсници основаат семејства и имаат стабилни приходи, ти си во болница, на дежурства, пропушташ празници, родендени и оброци... А на крајот од месецот, тоа што ќе го видиш на сметката во банка, не е баш мотивациско.“
И покрај тоа, таа останува посветена на својата професија и верува дека медицината е повеќе од работа – тоа е повик кој бара целосна посветеност.
Иако патот е долг и полн со предизвици, Марија со сигурност чекори кон својата цел – да биде кардиолог кој не лечи само срца, туку и ги допира.
„Секоја жртва има смисла кога знаеш дека го правиш она што го сакаш,“ заклучува таа.
Целото интервју со Д-р Марија Спасова можете да го прочитате на Studirajbg.com и CRNOBELO.com.
Извор: Studirajbg.com/ CRNOBELO.com
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден