10 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Македонија се наоѓа пред усвојување на најригорозниот закон за заштита од пушење досега. Според нацрт-верзијата на новиот закон, кој наскоро треба да се најде на платформата ЕНЕР за јавна расправа, се најавуваат драстични промени што ќе го засегнат секојдневието на пушачите, угостителите и трговците.
Законот, подготвен од Министерството за здравство, има за цел целосно да го исфрли пушењето од јавниот и затворениот простор, без досегашните исклучоци, со образложение дека земјата се соочува со сериозна здравствена закана.
Најголемите промени ги очекуваат угостителските објекти. Според предложените измени, пушењето ќе биде строго забрането во сите објекти за исхрана – ресторани, кафеани, барови, меани и кантини.
Дополнително, законот воведува и ново правило за терасите. Пушењето ќе биде дозволено само на тераси кои се целосно отворени од најмалку три страни. Сите заградени или делумно затворени тераси ќе се сметаат за затворен простор, каде што пушењето ќе биде забрането.
Законот навлегува и во приватната сфера, особено кога станува збор за заштита на децата. Се предвидува строга забрана за пушење во автомобил доколку во него се превезува малолетно лице.
Истовремено, пушењето ќе биде забрането и на автобуски и железнички станици, како и на пазари и други јавни простори со поголема фреквенција на луѓе.
Новиот закон не прави разлика меѓу класичните цигари и електронските уреди. Истите ограничувања ќе важат и за електронските цигари, вејп уредите и другите никотински производи.
Особено ригорозна е одредбата со која се забранува производство, увоз, дистрибуција и продажба на тутунски и никотински производи што содржат ароми или вкусови. Со оваа мерка, властите имаат за цел да го намалат интересот кај младите за овие производи.
По примерот на повеќе западноевропски земји, Македонија планира и целосна забрана за визуелно изложување на цигарите.
Се забранува секаков облик на рекламирање, а тутунските и електронските цигари нема да смеат да бидат видливо поставени на рафтовите во маркетите и киосците.
Од Министерството за здравство велат дека мерките се неопходни за да се спречи, како што наведуваат, „здравствена катастрофа“. Статистичките податоци ја поткрепуваат оваа загриженост:
Јавната дебата за законот се очекува во наредниот период, по што ќе следи и собраниска процедура. Доколку биде усвоен, новиот закон ќе значи темелна промена на навиките и културата на пушење во земјата.
14,4 милиони денари за патување: Пратениците се возат на грбот на граѓаните
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

