28 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Македонските граѓани немаат причина за надеж – инфлацијата нема да исчезне скоро, ниту пак Владата има решение кое може да донесе олеснување во секојдневниот живот. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска, вчера призна дека „нема магично стапче“ со кое ќе се реши овој голем економски удар, оставајќи ги луѓето во уште подлабока неизвесност и страв за иднината.
Иако платите формално растат, реалноста е сосема поинаква – цените на храната и основните потреби дивеат, а граѓаните чувствуваат дека секој ден живеат сè полошо. Според податоците, најголемиот раст на цените е кај овошјето и зеленчукот – токму производите без кои не може да се замисли исхраната на едно семејство. Сушата, раниот мраз и неорганизираното земјоделство создадоа хаос на пазарите. Македонија повторно покажа дека е неспособна да го заштити сопственото производство, оставајќи ги луѓето на милост и немилост на трговците и увозот.
Владата признава дека може само краткорочно да замрзнува цени и маржи, но тоа е уште една козметичка мерка без реален ефект. Додека соседните земји вложуваат во модерни системи за заштита на земјоделството, Македонија и понатаму тапка во место, без јасна стратегија. Резултатот е јасен – празни џебови, празни трпези и растечко очајување.
Иако се зборува за некакви „идни мерки“, вистината е дека граѓаните ќе мораат сами да се снаоѓаат. Намалување на ДДВ за основни производи сè уште е само на ниво на анализа, а минималната плата останува предмет на бесконечни преговори меѓу синдикатите и работодавачите. Државата, очигледно, се дистанцира од проблемот и чека другите да донесат одлуки, додека народот секој ден брои денари за парче леб.
Најстрашното е сознанието дека оваа криза нема брзо решение. Самата министерка признава дека долгорочните промени бараат време, инвестиции и реформи – нешто што Македонија одамна покажа дека не е во состојба да го обезбеди. Додека се чекаат „стратегии и студии“, инфлацијата ќе продолжи да ја јаде државата одвнатре, а граѓаните ќе останат заложници на сиромаштија и безизлез.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден