25 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска на седницата за пратенички прашања остро реагираше на кратењето на буџетските средства за заштита на животната средина, обвинувајќи ја Владата дека со ребалансот на Буџетот за 2025 година значително ги намалува парите наменети за справување со аерозагадувањето.
Лукаревска му упати прашање на министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, потенцирајќи дека средствата за заштита на животната средина се намалени за 13,4%, додека ставката „намалување на загадувањето“ е скратена за околу 20%, односно речиси 50% во споредба со претходната година.
Според неа, со ребалансот за 2025 година буџетот за животна средина се намалува од 6,4 милијарди на околу 5,6 милијарди денари, што претставува намалување од 868 милиони денари. Најголем удар, како што рече, трпи токму сегментот за намалување на загадувањето, каде средствата се кратат од првично планираните 3,2 милијарди на 2,6 милијарди денари.
„Во однос на минатата година, оваа ставка е намалена за 48,2%, што е речиси 50%. Несвојствено е да се кратат средства за области кои се рак-рана на општеството“, истакна Лукаревска.
Таа потсети дека во 2018 година Владата предводена од СДСМ го донесе Планот за чист воздух, кој за првпат обезбеди посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето и предвиде намалување на загадувањето до 50% во Скопје и другите најзагадени градови. Планот, како што нагласи, бил позитивно оценет и од Европската комисија.
„На хартија лесно се пишуваат приоритети, но реалноста ги отапува тие зборови. Со секој нов буџет и ребаланс гледаме кратење на средствата токму за животната средина“, рече пратеничката.
Лукаревска посочи дека и во Буџетот за 2026 година е предвидено дополнително намалување од 14,1%, односно 727 милиони денари помалку во однос на ребалансот за 2025 година, или 1,2 милијарди денари помалку споредено со првичниот Буџет за 2025 година.
Покрај прашањето до министерот за животна средина, Лукаревска постави прашање и до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во врска со неисполнувањето на обврските од Реформската агенда, особено реформите насочени кон подобрување на деловната клима за малите и средни претпријатија.
„Не се доволни препораките за ослободување од работа на ризичните групи. Сите полека стануваме дел од таа група, бидејќи се справуваме со последиците, а не со причините“, порача Лукаревска, прашувајќи кои конкретни мерки Владата ги презема во борбата против аерозагадувањето, имајќи предвид континуираното намалување на средствата за оваа намена.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

