31 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски категорично одбива да поднесе оставка, и по изгласаната интерпелација за неговата работа во Собранието, најавува уште посилна посветеност во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Во интервју за „Вечер прес“, Коцевски истакна дека политиката ја остава на политичарите, а самиот ќе продолжи со, како што рече, „пркос“ кон предметите по кои Обвинителството работи. Тој уверува дека за голем број случаи имаат „многу цврсти докази“ кои очекува да бидат потврдени и на суд.
„Онкологија“, „Крмзов“, убиствата од криминалните пресметки и трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ се меѓу најголемите случаи на кои се работи, вели Коцевски. Особено потенцира дека за случајот со „Пулс“ се обезбедени над илјада докази за само два и пол месеци, срочени во обвинение за тешки дела против општата сигурност.
„Сега е на судот да реши колку брзо случајот ќе добие судска разрешница“, додава тој.
Коцевски негира дека Обвинителството има вина за бегството на осомничените во неколку големи случаи. Тој уверува дека сите чекори се преземени навремено и професионално, а работата на институцијата е препознаена и во најновиот извештај на Европската комисија.
Како посебно значаен чекор напред, го наведува донесувањето на Упатството за приоритетно постапување по предмети од областа на корупцијата, како и целосната функционалност на истражните центри во Скопје, Тетово, Куманово и ГОКК. Најави и отворање нов истражен центар во ОЈО Битола.
Коцевски изразува загриженост за влијанието на медиумите и социјалните мрежи врз правосудството. Според него, обвинетите сѐ почесто ангажираат ПР-тимови за да извршат влијание врз судските процеси преку создавање на јавна перцепција што не одговара на реалноста во судниците.
Тој ги повика своите колеги обвинители да бидат отпорни на притисоци и охрабри пријавување на секој обид за влијание од моќни центри, директно или преку медиумски напади.
Во контекст на ниската доверба во правосудството, која се цитира со бројка од 2 проценти, Коцевски ја оспорува методологијата и најавува нова анкета на Светската банка, чии прелиминарни резултати, според него, покажуваат „многу поинаква слика“.
Љупчо Коцевски испраќа јасна порака: нема намера да отстапи од функцијата под политички или медиумски притисок. Неговата намера, вели, е да се посвети уште посилно на својата работа, со фокус на борбата против криминалот и обезбедување правна разрешница за клучните случаи што ја засегаат јавноста.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден