Љубчо Георгиевски: Владата слепо се лепи на српските геостратешки проекти!
Љубчо Георгиевски, изрази скепса и критика за најавената изградба на брзата железничка линија Белград–Скопје–Солун, која неодамна беше промовирана од страна на Владата на Северна Македонија.
Во својата изјава, Георгиевски оцени дека оваа иницијатива е пред сè „геостратешки проект на Србија, а не на Македонија“, додавајќи дека според него станува збор за „приказна само за да ја задоволиме Србија“.
„Сега слушаме, ќе има нова брза железница. Мислам, тоа е некоја приказна, според мене, приказна само да ја задоволиме Србија, никој друг. Меѓутоа, ние сега да се задолжиме за да го правиме кефот на некој друг – тоа е веќе нешто друго,“ истакна Георгиевски.
Според него, Владата на Северна Македонија безрезервно се приклучува на проектот без да се процени што тој навистина значи за земјата и какви се неговите реални придобивки.
Најавената брза пруга, која треба да го поврзе Белград со Солун преку Скопје, е дел од поширокиот регионален транспортен коридор кој има за цел да ја подобри поврзаноста и економската соработка на Балканот. Сепак, критичарите, како Георгиевски, предупредуваат на можноста Македонија да влезе во сериозни задолжувања без јасна национална корист.
Иако Владата го претставува проектот како чекор напред за интеграција во европските транспортни мрежи, Георгиевски предупредува дека треба внимателно да се проценат условите, финансиските обврски и реалната добивка за Македонија.
Очекувањата се дека дебатата за проектот ќе продолжи и во следниот период, особено во контекст на регионалните односи и стратешките интереси на земјата.
Целото интервју може да го погледнете тука: