23 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Политичката партија Левица остро ја критикува Владата за, како што велат, целосно отсуство на слух за барањата на работниците и синдикатите, оценувајќи дека таквиот однос директно придонесува за зголемено иселување на младите од државата. Според партијата, и покрај енормната инфлација што трае повеќе од година и пол, минималната плата останува замрзната, додека Владата цврсто застанува на страната на работодавачите.
Од Левица посочуваат дека Економско-социјалниот совет е фактички „окупиран“ од Владата и Стопанската комора и функционира како продолжена рака на олигархијата, наместо како вистински форум за заштита на работничките права. Како резултат на тоа, тврдат од партијата, таканаречената „трета економија во Европа“ не само што не нуди перспектива за младите, туку активно го стимулира нивното заминување, обидувајќи се празнината да ја пополни со увоз на странска работна сила.
„Додека соработниците на Мицкоски носат одлуки за покачување на сметките за струја, вода, парно, комуналии, детски градинки и здравствени услуги, а истовремено дозволуваат неконтролирана инфлација на основните намирници, сѐ поголем број вработени се на работ на егзистенцијата. Денес, ниту вработувањето не гарантира бегство од сиромаштија“, наведуваат од Левица. Тие додаваат дека државата останала на дното во Европа според износот на минималната плата и продолжува да се вбројува меѓу сиромашните земји.
Според партијата, фактот што Владата не дава поддршка за зголемување на минималната плата е јасен показател дека буџетската каса е празна дури и за тековните обврски кон вработените. Отсуството од реални преговори и префрлањето на одговорноста врз приватниот сектор, велат од таборот на Димитар Апасиев, претставува обид за дефокус од вистинската состојба на јавните финансии.
Левица обвинува дека актуелната власт не само што го испразнила буџетот наследен од претходната влада, туку и продолжила со интензивни кредитни задолжувања и издавање еврообврзници. Како единствено решение, партијата бара итно и неодложно зголемување на минималната плата согласно барањата на работниците, нагласувајќи дека тоа е единствениот механизам што може да обезбеди достоинствена егзистенција за обичниот човек.
ССМ излегува на улица на 28 јануари, ќе се бара минимална плата од 600 евра
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

