Левица: Наставниците со пониска плата од просечната – Владата ги наградува само директорите
Во време кога македонското образование се соочува со сериозни предизвици – од сиромаштија кај децата до хроничен недостиг на наставен кадар – Владата одлучи да ги награди исклучиво директорите, обвинуваат од политичката партија Левица.
Според нив, најновата одлука за зголемување на платите на директорите за дури до 45% во однос на основната плата на наставник е уште еден показател за дискриминаторскиот пристап кон оние кои ја носат најголемата тежина во образовниот процес – наставниците и стручните соработници. За споредба, просветните работници добиваат само скромно покачување од 7%, што според Левица е недоволно и навредливо.
„Во држава во која децата тонат во сиромаштија, училиштата се борат со недостиг од кадар, а наставниците работат за половина од платата што ја заслужуваат – Владата реши да ги награди само директорите“, се наведува во реакцијата на Левица.
Партијата укажува и на опасноста од селективно наградување, што според нив, испраќа јасна порака на непочитување и дискриминација кон просветните работници. Тие предупредуваат дека зголеменото незадоволство кај вработените во образованието не може да се загуши преку притисоци од страна на „партиски назначените директори“.
Левица бара итно урамнотежување на платите во образованието, како и транспарентност во образложувањето на приоритетите во образовните политики.
„Наставниците не се заслужени само за седум проценти. Тие се столбот на нашето образование и иднина, и заслужуваат фер плата и почит“, порачуваат од Левица.