19 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Либерално-демократската партија (ЛДП) изрази сериозна загриженост и негодување во врска со најновите предлог-измени на Кривичниот законик, кои на почетокот на неделата се најдоа на дневен ред пред пратениците во Собранието. Според партијата, иако предложените решенија на прв поглед оставаат впечаток дека се насочени кон заострување на казните и исправка на претходно направените штети, во суштина станува збор за уште едно парцијално „крпење“ на правниот систем, наместо суштинска и темелна реформа.
Од ЛДП потсетуваат дека граѓаните веќе повеќе од 18 месеци очекуваат целосна реформа на Кривичниот законик, а не ад-хок измени кои не ги решаваат клучните системски слабости. Како партија која доследно се залага за владеење на правото, тие особено укажуваат на проблемот со застарувањето на кривичните дела.
„И покрај предлогот за зголемување на казните за делата ‘Злосторничко здружување’ и ‘Злоупотреба на службената положба’, застарувањето и понатаму останува реална можност, што во минатото веќе доведе до избегнување на правдата во бројни случаи“, се наведува во соопштението.
ЛДП дополнително инсистира на зголемување на роковите за застарување на кривичните дела од 30-тата глава на Кривичниот законик, особено оние извршени на штета на државниот буџет. Според партијата, борбата против корупцијата не смее да биде ограничена со административни рокови кои им овозможуваат на сторителите да се извлечат од одговорност.
Во однос на повторното воведување на кривичното дело поврзано со злоупотреби при јавните набавки, од ЛДП оценуваат дека станува збор за задоцнет чекор и обид за санирање на веќе направена штета. Истовремено, тие го поздравуваат воведувањето санкции за злоупотреба на порнографски и сексуални содржини, но сметаат дека овие одредби мора итно да се прошират.
„Во услови на брз технолошки развој, неопходно е законот експлицитно да ја опфати и злоупотребата на дигитални содржини креирани со помош на вештачка интелигенција, таканаречени deepfake содржини, со цел заштита на достоинството и интегритетот на граѓаните“, порачуваат од партијата.
ЛДП оценува дека е време да се стави крај на делумните и парцијални законски решенија. Доколку надлежното министерство не е во состојба да изготви и донесе целосно нов, современ и европски Кривичен законик до крајот на годината, од партијата сметаат дека тоа треба јавно да се признае.
„Македонија нема време за нови правни експерименти кои оставаат простор за селективна правда и неправда“, се наведува во соопштението.
На крајот, ЛДП повторува дека останува цврсто посветена на носење законски решенија кои ќе бидат бескомпромисни кон криминалот и корупцијата, нагласувајќи дека на државата ѝ е потребен закон кој ќе штити, а не закон кој преку застарување ќе амнестира.
Бујар Дардишта уапсен при обид за бегство на граничниот премин Долно Блаце
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

