ЛДП: Градскиот парк во Скопје личи на џунгла – неспособноста на Арсовска повторно на површина
Либерално-демократската партија (ЛДП) денеска остро ја критикуваше состојбата во која се наоѓа Градскиот парк во Скопје, нарекувајќи го „џунгла наместо урбан простор за одмор и рекреација“. Според партијата, запуштените површини со обрасната трева, неискастрените дрвја, запуштените езерца и расфрланиот отпад претставуваат резултат на, како што велат, неспособноста на актуелната градоначалничка Данела Арсовска и целото градско раководство.
„Наместо безбеден и пријатен простор за шетање, рекреација и забава за скопјани, од кои голем дел се родители со мали деца, паркот е оставен да изгледа како џунгла. Тоа не е слика што одговара на еден модерен градски парк,“ наведуваат од ЛДП Скопје.
Градската организација на ЛДП нагласува дека ова е само уште еден пример на долгата низа на пропусти во работењето на локалната власт, вклучително и проблемите со хигиената во градот и загрижувачката состојба во Зоолошката градина.
Партијата ја користи оваа ситуација како дополнителен аргумент во својата кампања за враќање на одредбата за референдумско отповикување на градоначалници. „Граѓаните мора да имаат алатки со кои ќе можат да побараат одговорност од своите избрани претставници,“ истакнуваат од ЛДП. Предлог-законските измени, кои веќе се во собраниска процедура, предвидуваат воведување на механизам со кој би се овозможило повлекување на градоначалници по пат на референдум.
На крајот, ЛДП упати јавно барање до Град Скопје и јавното претпријатие „Паркови и Зеленило“ веднаш да преземат мерки и да го исчистат и уредат Градскиот парк за да овозможат достоинствено и безбедно искуство за посетителите.
„Скопје заслужува повеќе. Граѓаните заслужуваат грижа, а не запуштеност,“ порачаа од ЛДП.