Лазаров: Ние како Македонци не знаеме да бидеме константни во тие успеси што ги правиме повремено
Македонската ракометна репрезентација го претрпе вториот пораз во квалификациите за ЕП 2025 откако вечерва загуби на домашен терен од Словенија со 26-32. Исходот е разочарувачки ако се земат во предвид супериорните први дваесетина минути во кои нашата репрезентација имаше шест гола предност, но не успеа да го издржи темпото, а одличниот словенечки состав предводен од Влах и Јанц направи целосен пресврт, на крајот стигнувајќи и до убедлива победа.
По мечот свој став даде селекторот Кирил Лазаров…
„Треба да преспиеме и да анализираме. Одигравме многу добро во првите 20 минути и не заслуживме да водиме само еден на полувреме. Во голем дел од мечот Словенија беше немоќна, но беа разочарани ракометарите за тоа што го пропуштивме на почетокот. Во средината на одбраната со црвениот картон на Карасманакис изгубивме на ротација. Никола Марковски поради повреда денеска не беше во состав, а неговото искуство ќе ни значеше. Наша цел е пласман на ЕП. Македонец по добар резултат мора да го држиш свесен, бидејќи не знаеме да бидеме констатни во тие успеси што ги правиме повремено“, изјави Лазаров.