26 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Неколку илјади жители на Куманово, кои во изминатите години работеле во странство – најчесто во воени бази во Ирак и Авганистан – утре напладне ќе одржат мирен протест пред зградата на Управата за јавни приходи (УЈП). Со протестот тие ќе го изразат своето незадоволство од ретроактивното оданочување на приходите од странство, кое се применува од 2020 година наваму.
Според решенијата што деновиве им пристигнале, дел од граѓаните треба да платат и по неколку илјади евра персонален данок на доход, и тоа одеднаш, најдоцна до 15 јануари. Доколку не ја подмират обврската во рок, за секој ден задоцнување им се пресметува камата од 0,03 отсто.
Граѓаните велат дека не се против плаќање данок, но се револтирани од начинот на кој се спроведува постапката. Тие тврдат дека не им се признаваат доказите за исплатените приходи, банкарските изводи, ниту печатите во пасошите за влез и излез од државата. Дополнително, изразуваат незадоволство што со години никој не ги информирал дека ќе треба да платат данок за тие приходи.
„Ние сме вратени во земјава веќе неколку години. Парите што ги заработивме со огромен стрес и ризик се одамна потрошени – за лекување, за купување станови и деловни простории, за што имаме уредни докази и платени давачки во Македонија. Од каде сега да најдеме толкави суми? Во институциите ни велат дека документите се чуваат само пет години и дека регистрите не постојат. Пасошите со печати не ни ги признаваат како доказ“, вели една жителка на Куманово.
Слични решенија, освен во Куманово, им биле доставени и на граѓани во Скопје и Струмица, но и во други градови во земјава. Станува збор за лица кои работеле на бродови, возеле камиони, биле на печалба во странство, како и за фриленсери кои од Македонија работат за странски компании.
Од Управата за јавни приходи информираат дека над 9.000 граѓани имаат непријавени приходи од странство кои подлежат на оданочување. Според нив, данок се плаќа само за приходите што граѓаните ги оствариле додека биле во земјава, а примале средства од странство.
„Врз основа на досега анализираните податоци, околу 9.000 лица имаат остварено доход од странство кој не бил пријавен. Околу 1.300 лица доброволно се усогласиле, пријавиле доход од околу 19 милиони денари и платиле данок од околу 10 милиони денари. За 307 лица, УЈП службено утврдила даночна обврска од 1,5 милиони денари, која е наплатена“, соопштија неодамна од УЈП.
Од таму најавуваат дека ова е само почеток и дека истата постапка ќе продолжи и за наредните години – за 2021, 2022, 2023, 2024 и до ноември 2025 година, што дополнително го зголемува револтот кај граѓаните кои најавуваат дека ќе ја продолжат борбата за, како што велат, поправедно и транспарентно решение.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

