Кривична пријава за мачење животни против млад жител на Крива Паланка
Полицијата поднесе кривична пријава за мачење животни против 23-годишен жител на Крива Паланка, поради објава на вознемирувачко видео на социјалните мрежи.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, Одделението за внатрешни работи Крива Паланка добило пријава синоќа околу 23:30 часот, откако на интернет се појавило видео на кое се гледа како куче е врзано за патничко моторно возило во движење и е присилено да трча зад него. Инцидентот се случил на улиците на Крива Паланка.
По итна реакција од страна на полициските службеници, било утврдено дека сопственик на возилото и кучето е лицето А.А. (23) од Крива Паланка. Со него бил извршен службен разговор, по што ќе следува поднесување на кривична пријава до Основното јавно обвинителство Крива Паланка за кривично дело „мачење животни“ по член 233 од Кривичниот законик.
Од МВР најавуваат дека ќе продолжат со преземање на строги мерки против сите форми на насилство врз животни.