Кривична пријава за кражба на струја: Битолска фирма се стекнала со незаконска добивка од над 9 милиони денари
Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против едно правно лице од Битола и В.П. (50) од Скопје, кој е управител на пријавената фирма. Пријавата е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“, предвидено и казниво согласно член 235-а од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Според информациите на полицијата, во периодот од 1 февруари 2024 до 17 јануари 2025 година, правното лице се стекнало со противправна имотна корист во износ од 9.300.955 денари. Кражбата била извршена преку нелегално премостување на мерната опрема, со што второпријавениот, без добиена согласност од надлежниот оператор на системот, преземал електрична енергија која не била платена.
Случајот е во натамошна постапка, а пријавените се соочуваат со сериозни последици доколку се докаже нивната вина.